Планирам да планирам


Планирање или буџетирање е заборавена менаџерска техника во Македонија. Повозрасните кај нас ќе се присетат дека во големите македонски компании од претходниот систем, имаа цели одделенија за план и анализа. Со распаѓањето на тој систем, една од првите работи од која се откажавме беше укинување на овие одделенија. Планирањето на иднината веќе не беше актуелно !!?

business_partners_new

Во последните 25 години, можат на прсти да се избројат фирмите кои имаат ажурен буџет за функционирање. А фирми кои се држат до планот како основен документ за функционирање, се уште помалку. Најчесто тоа се компаниите кои се дел од поголеми регионални или светски приказни, па на таков начин и се обврзани да планираат и да го следат остварувањето на буџетот. За среќа, полека расте интересот за планирање кај се поголем број на македонски бизнисмени.Тој тренд сигурно ќе продолжи и во иднина…
picture1Дали да направам буџет за мојата компанија? Оваа прашање си го поставуваат нашите менаџери, и тука најчесто застанува целата приказна. Штом ќе се отвори приказната за планирање, менаџерите во регионот веднаш реагираат дека живееме во многу непредвидливи околности и затоа неможат да планираат. Се правдаат на непредвидливи политички услови кои многу влијаат на нивниот бизнис… рака на срце, најчесто и се во право ! Но, тоа не е причина да не се направи план за работа, да не се опишат таргетите, да не се пресметаат трошоците и да се следат истите. Непредвидливи се сите пазари во светот. Не постои предвидлив пазар, само ризиците и предизвиците се разликуваат во државите.

Но, зошто планирањето е значајно ? Што е тоа што ќе добијам доколку имам буџет во мојата компанија ? Сметам дека тоа се вистинските прашања. Прво треба добро да разбереме кои се придобивките од годишен бизнис план на компанијата:

1. Основ за следливи KPI на вработените

Сопствениците на мали и средни компании имаат реален проблем како да направат транзиција во менаџирање на компанијата. Дали компанијата ќе ја превземе некој од семејството, или професионален менаџер – проблемот останува ист. Ако немаат доверба во успешноста на новиот менаџер, секогаш ќе бидат составен дел од одлуките на компанијата, па на таков начин никогаш реално и нема да ја направат транзицијата. За да може да имаат успешна транзиција, мора да воспостават мерка за успешност, а тоа најдобро се прави преку процесот на буџетирање. Следење на извршување на буџетот, ќе стане нивната нова задача. Наместо да се дел од секоја оперативна одлука, ќе можат да се посветат на следење на параметрите на компанијата. Споредбата на планирано и остварено е реален индекс на успешност. Се друго се чувства, носталгија за минатото, солење памет, барање влакно во јајцето… позната приказна која може само на овој начин да се реши.

Но, ист е проблемот и кон т.н. middle management. И тука е присутен проблемот со мерливост на резултатите, успешноста. И повторно лекот е ист: воспоставен механизам за планирање и следење на буџетот, дава точен увид во Key Perfomance Index на менаџерите и другите вработени во компанијата. Мотивацијата на менаџерите ќе може да се дефинира преку ваквите планови, и дискусиите во компанијата добиваат сосема друг, реален тек.

2. Здрава работна околина во компанијата

Сигурно се запрашувате каква врска има буџетот со здрава работна околина во една компанија? Одговорот е многу едноставен. Доколку во една компанија немате план, таргет, остварување на планот … тогаш разговорот помеѓу претпоставен и вработен се базира на претпоставки. Во овој разговор се надмудруваат или во најлош слушај претпоставениот наметнува авторитет. Секој има право да е лут на резултатите, и секој има право да мисли дека работи најдобро на светот. Best effort е принципот со кој се носат членовите на тимот, без разлика дали тоа носи резултат. Наместо вреднување на залагањето, компанијата може да премине на вредување на резултатите. Тогаш во фирмата ќе престанат непринципиелните разговори, и ќе се премине на конкретен разговор за остварените резултати.

Овој процес не е едноставен. На почетокот во секоја фирма има отпор. Но, секако се исплати бидејќи набрзо во фирмата ќе почнат да се ценат вистински вредности и резултати.

3. Подобра преговарачка моќ со потенцијални инвеститори

Како да добиете инвеститор, ако и самите немате точно одредени таргети. Неможе една фирма успешно да преговара, ако покрај резултатите од минатото нема и јасна слика и бројки за иднината. Затоа имањето на буџет и негување на интерни процедури за план и анализа, е една од битните претпоставки фирмата да добие дополнителен инвеститор, и во тој процес да добие фер понуда.

Фирмите кои сакаат да добијат инвеститор, оставаат буџетот да го направат стокмен за инвеститорот што ќе тропне на врата. Тогаш е веќе доцна. Убавата можност лесно се испушта, ако оваа домашна задача не е навремено завршена.

4. Позитивно влијание на раст во компанијата

Откако компанијата ќе воспостави критериуми за оценка на успешноста, откако точно ќе се знае целта на компанијата и на сите клучни играчи во тимот, фирмата ќе почне да покажува подобра ефикасност и ефективност. Резултатите не доаѓаат сами од себе. Но, ако ги немате поставено работите на свое место, растот на фирмата е успорен и хаотичен. Поставување на буџет, лични таргети за луѓето, редовно следење на постигнатите резултати, реално вреднување на истите ќе направат фирмата да почне да расте.

Растот на фирмата некогаш доаѓа поради позитивни надворешни влијанија. Но, не треба да се запостави и потенцијалнот за раст од неискористените интерни ресурси. Препознавање на потенцијалнот на фирмата, препознавање на ресурсите со кои располага и нивно насочување придонесува компанијата да расте и во услови кога нема позитивно надворешно влијание. Добро дефиниран таргет е секако прв чекор.

5. Реална слика за состојбите во компанијата

Менаџерите најчесто велат дека својата компанија ја познаваат до најмал детал. Често тоа е блиску до вистината, бидејќи ако и ја основале фирмата, реално ги знаат сите нејзини тајни. Но, дали таа слика е реална, дали истата слика за компанијата ја делат и останатите вработени ? Многу често не е таков случајот, па компаниите лесно губат луѓе кои можеле многу да придонесат за развојот на фирмата. Очекувањата и реалните резултати многу често се разликуваат, а тоа резултира со разочарување од постигнатиот резултат – без разлика дали резултатот е реално добар или лош. Токму затоа на компаниите им е потребна реална слика за состојбите. Слика која сите ќе ја делат и ќе бараат начини како да ја подобрат.

Доколку внатре во компанијата имате различна перспектива за основните работи во компанијата, веројатно тоа ќе доведе до многу непотребни конфликти. Тоа се проблеми кои компаниите можат да ги решат. Потребен е мал напор, за да добијат подобра реална слика.

Овие 5 причини сами по себе се доволни да се зафатат компаниите со подготовка на буџетот за 2017. Тимот на ИнКом има акумулирано искуство и знаење да ви помогне во тој  процес. Еден од значајните пакети на услуги кои ги нудиме на пазарот е и пакетот за креирање на буџет, со помош на алатки со кои ќе можат да се следат и резултатите од работењето.

Тимот на ИнКом ве очекува, за да заедно го креираме првиот буџет на вашата компанија.